Кадетските одбојкарски екипи на Борец од Велес имаа успешни настапи на турнирите во машка и женска конкуренција. Кадетите забележаа една победа и еден пораз на домашниот турнир, додека кадетките во Тетово остварија максимален учинок со две победи без загубен сет.
Машката кадетска екипа на турнирот во Велес одигра два мошне изедначени и неизвесни натпревари. Во првиот дуел, велешани загубија од УГД Штип со 1:2 во сетови. Борец го освои првиот сет со 25:23, но гостите возвратија во драматичниот втор сет, кој го добија со 32:30, а потоа славеа и во решавачкиот сет со 15:10.
Во вториот натпревар, кадетите на Борец се вратија со победа, совладувајќи ја Шкендија со 2:0 во сетови. Велешани беа посигурни во завршниците на двата сета и славеа со 25:22 и 25:23, за конечен половичен успех на домашниот турнир.

За разлика од кадетите, женската кадетска екипа на Борец имаше максимален учинок на турнирот во Тетово, во рамките на групата Ѓ. Велешките одбојкарки забележаа две победи со идентичен резултат од 2:0 во сетови.
Најпрво беа подобри од ОК „Трговски Куманово“, а потоа со истиот резултат ја совладаа и екипата на ОК „РИАС 2020“ од Струга.




















