Речиси 3.000 сообраќајни прекршоци регистрирал системот „Безбеден град“ на подрачјето на СВР Велес за нешто повеќе од два месеца од неговото воведување. Најголем дел од нив, дури 2.462, се за возење со брзина поголема од дозволената, покажуваат податоците на полицијата за периодот од 12 септември до 18 ноември.
Според статистиката на СВР Велес, во периодот од 12 до 30 септември биле евидентирани 1.304 прекршоци, во октомври 1.105, додека во првите 18 дена од ноември биле регистрирани уште 539.
Сепак, бројките покажуваат дека бројот на прекршоци постепено се намалува. Ако во првите 18 дена од функционирањето биле регистрирани 1.304 прекршоци, во текот на целиот октомври имало 1.105, додека во првите 18 дена од ноември камерите евидентирале 539 прекршоци.

Од СВР Велес појаснуваат дека системот не е насочен кон одредена категорија возачи, туку ги опфаќа сите моторни возила што се под негов надзор. Казни ќе следуваат и за автомобилите и за мотоциклите, доколку камерите регистрираат прекршок што системот може автоматски да го детектира.
Од полицијата оценуваат дека „Безбеден град“ ги дава очекуваните резултати, посочувајќи на намалување на бројот на прекршоци и зголемување на безбедноста во сообраќајот, како и намалување на сообраќајните несреќи.
СВР Велес апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, бидејќи одговорното учество во сообраќајот и повисоката сообраќајна култура се клучни за спречување несреќи и спасување човечки животи.




















