Велешанецот Теодор Мирчевски продолжува со одличните настапи во новиот клуб, откако вчера се запиша во листата на стрелците во убедливата победа на Башкими од Куманово во Купот на Македонија.
Башкими славеше со 5:0 против Коњаре, а Мирчевски постигна еден од петте погодоци за прволигашот, со што уште еднаш го потврди својот голгетерски потенцијал.
Мирчевски летово направи нов чекор во кариерата, потпишувајќи едногодишен професионален договор со кумановскиот прволигаш Башкими. За него ова е продолжение на одличниот период во кариерата, по успешната минатогодишна сезона во дресот на Борец 1919.
Велешкиот напаѓач минатата сезона беше еден од најдобрите стрелци во лигата, постигнувајќи 25 погодоци и 10 асистенции, со што имаше значаен придонес во освојувањето на шампионската титула на Борец 1919.

За Мирчевски ова не е прв успех во најмасовното македонско фудбалско натпреварување. Тој веќе има освоено трофеј во Купот на Македонија, и тоа во дресот на кавадаречки Тиквеш.





















