Со нова доза возбуда, атрактивни потези и многу голови продолжи Детскиот фудбалски турнир 2026, кој се одржува на спортскиот терен во Градскиот парк во Велес. Вториот натпреварувачки ден донесе интересни пресметки, неизвесни дуели и вистинско уживање за бројните посетители кои од трибините ги бодреа младите фудбалери.
Најубедлива победа во денешната програма забележа екипата на Мал Ајакс, која со високи 12:1 го совлада Тим 1 МКД, додека Борец потврди со својата доминација дека сака да ја одбрани титулата со триумфи од 5:0 против АЦ Електрик и 8:0 против Пекара Натали.
Особено драматично беше во дуелите што се решаваа по изведување пенали. Млади Ѕвезди беа поуспешни од Њу Старс со 3:2 по пенал-рулетот, а со идентичен резултат по пенали до победа стигнаа и Минерали Метали против Пекара Натали.

Во последниот натпревар од денот, екипата на Наш’то Маало славеше со 4:2 против Лирија, заокружувајќи уште еден богат фудбалски ден на турнирот.
Турнирот, кој е во организација на Општина Велес во соработка со фудбалскиот тренер Панче Нанев, има за цел да ги поттикне спортскиот дух, фер-плејот и дружењето меѓу најмладите. Настанот и годинава привлекува голем интерес кај децата, родителите и љубителите на фудбалот, кои секојдневно ги следат натпреварите во Градскиот парк.

























