По повод Денот на Општина Велес, во велешкиот театар се одржа рекордна и исклучително успешна крводарителска акција на која велешани уште еднаш ја покажаа својата хуманост. Во акцијата беа собрани дури 200 крвни единици, што претставува извонреден резултат и доказ за големото срце на граѓаните. Особено радува фактот што седуммина дарители крв даруваа за прв пат.
Акцијата беше реализирана во соработка помеѓу Црвениот крст на РСМ – Општинска организација Велес, Мото клубот „Носачи на крстот“, Институтот за трансфузиона медицина од Скопје и Општина Велес, со поддршка од Театар „Џинот“.
Во реализацијата активно учествуваа и осум волонтери од Клубот на млади при Црвениот крст, кои придонесоа акцијата да се спроведе успешно и во одлична атмосфера.


















