По неколкудневните обилни врнежи што го зафатија поголемиот дел од државата, состојбата во Велес и велешко е целосно стабилна. Според последното известување од Центарот за управување со кризи (ЦУК), на подрачјето на Велес нема пријави за нарушување на редовната состојба, ниту пак има излевања на реките или поплави.
Велешкиот регион, заедно со Скопје, Штип, Неготино, Кавадарци, Свети Николе, Струмица, Тетово и Куманово, се наоѓа во мирна и стабилна состојба, без интервенции од поголем обем и без пријавени материјални штети.
Состојбата со водостоите на реките низ земјава постепено се стабилизира. Добра вест е што во Ресен, Битола и Демир Хисар веќе нема излевања, а нивото на водата е значително намалено и е во континуирано опаѓање. Воедно, одронот на патот Битола – Кичево во близина на селото Железнец е целосно расчистен и сообраќајот се одвива непречено.
Во Охрид, каде што имаше навлегување на вода во подруми и дворови, надлежните служби интервенирале навремено и се врши расчистување на каналите, додека водостоите и таму се во благо опаѓање.
Надлежните служби и понатаму ја следат состојбата на терен, а граѓаните се повикуваат на внимателност и на навремено пријавување на евентуални проблеми.
















