Вчера во Европската куќа во Велес беше одбележан Светскиот ден на волонтерството, настан кој традиционално ја истакнува важноста на хуманоста, солидарноста и несебичната посветеност. На свеченоста беа доделени признанија за најпосветените волонтери во 2025 година, оние со најмногу волонтерски часови и најдолг континуиран волонтерски стаж.
Свеченоста беше особено значајна затоа што паралелно се прослави и јубилејот – 80 години од постоењето на Општинската организација на Црвениот крст Велес, која со децении претставува столб на хуманоста во заедницата.
Признанија за волонтерство за 2025 година од Клубот на млади добија Љубе Лазов, Кристина Костовска, Мартина Георгиевска и Лана Басаров. За својот континуиран волонтерски придонес беа наградени и Здружение на граѓани „Акцијаш“ – Ветерани Велес, Слободан Бошков и Лидија Пљакова.
Наградата за животно дело за 2025 година, за долгогодишен придонес во развојот на организацијата, им беше доделена на Петре Петрушевски и Мирчо Давчевски, волонтери со повеќе од 40 години активна служба. Престижната Благодарница „Ангел Киров“ за најволонтер за 2025 година ја доби Матеја Матева.
Настанот заврши со сечење на торта и заедничко одбележување на осумте децении од формирањето на Црвениот крст Велес, како потсетник на важноста на волонтерството и хуманоста во локалната заедница.























