Во Локалната библиотека „Гоце Делчев“ – Велес беше промовирана збирката поезија за деца „Снежна убавица“ од авторката Лили Арсова, книга која ја носи магијата на зимата, детската радост и топлината на празниците.
Промотор на книгата беше проф. д-р Елизабета Бандиловска, која истакна дека делото има „убав метафоричен наслов, посветен на зимата“, а песните се поврзани со децата, волшепствата, радостите и зимските празници – Божик, Коледе и Нова година. Во нив, како што нагласи, иако зимата најчесто асоцира на студ и снег, „се среќава нешто што нè топли, што ни носи радост, љубов и светлина“.
„Песните се наменети за децата, но можат да ги допрат и возрасните. Во нив превејува белината – симбол на чистота, убавина и невиност, какви што се децата“, рече Бандиловска.
Авторката Лили Арсова посочи дека тематски песните се посветени на зимата, зимските радости и празници, додавајќи дека во детската литература недостасувале вакви наменски песни за ова годишно време, поради што и се одлучила збирката да биде токму зимска.

















