И покрај обилните врнежи од дожд во изминатиот период, на подрачјето на Вардарскиот регион засега нема нарушување на редовната состојба, информира Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) – Велес.
Како што соопштуваат од РЦУК, забележано е зголемување на водостојот на реката Вардар кај Велес, при што речното корито во централното градско подрачје е речиси целосно исполнето. Сепак, надлежните уверуваат дека во моментов нема ризик од излевање на реката кон станбени или други објекти.
Од Центарот апелираат до граѓаните да бидат внимателни при движење покрај коритото на реката, особено во централниот дел на градот, и да ги почитуваат препораките на надлежните служби. Состојбата се следи континуирано, а институциите најавуваат дека навремено ќе информираат доколку дојде до промени или зголемување на ризикот.





































