Претседателот на Сојузот на синдикати, Слободан Трендафилов денес на прес-конференција повика на протест во среда на 28 јануари во 17 часот пред зградата на Сојузот кој ќе продолжи пред Собранието и Стопанската комора, а ќе заврши пред Владата.
„Време е да се избориме за достоиствени плати заедно со работниците. Ги повикуваме сите работници на кои не им биле зголемени платите и сите работници кои не знаат како да врзат крај со крај секој месец. Ги повикуваме сите работници кои биле излажани од газдите, менаџерите, директорите, министрите и премиерите дека нивните плати ќе бидат зголемени, да ни се придружат“, изјави Трендафилов на прес-конференцијата.
Од Сојузот на синдикати велат дека политичките чинители до 31 декември не издејствуваа да ги зголемат работничките плати и да го унапредат работничкиот стандард, туку со потсмев ги оставија работниците сами да се договараат со газдите во однос на нивните плати.
„Околу 33 отсто од работниците од 540 000 работници живеат со плата под прагот на сиромаштијата или одат на работа, а сепак остануваат сиромашни“, нагласи Трендафилов додавајќи дека работниците се оставени во сиромаштија и заложништво за да останат покорни.
Покачувањето на платите е тема уште од март, кога беше најавено дека ќе се зголемат за 25 евра, велат од Сојузот, посочувајќи дека за разлика од нив, на функционерите им се предвидува раст на платите од над 250 евра.
„Време е работниците да сфатат дека само заедно можеме да се избориме за работничките права. Очигледно дека [политичките елити] не сметаат дека треба да носат одлуки во интерес на 540 000 луѓе, ниту пак дека треба да се грижат за нив. Работниците оставени се сами, затоа секој работник треба да излезе“, нагласи Трендафилов.
Од Сојузот истакнуваат дека целта е да им се укаже на работодавците и народните претставници дека животниот стандард во Македонија е најнизок во Европа.
„Не се живее добро во Македонија, затоа што имаме најниска просечна плата и најниска минимална плата. Зголемувањето е изработено и заслужено и мора да се испорача“, порача Трендафилов.
Тој додаде дека Сојузот на синдикати планира низа на чекори во наредниот период, како што се протести, генерален штрајк, а доколку политичките чинители останат без слух, планираат собирање на 10 000 потписи за да се поднесат законски измени преку кои ќе се бара намалување на функционерските плати за 78 отсто и 600 евра минимална работничка плата.
















