Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против М.Б. во својство на претседател на Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ), поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело “Злоупотреба на службена положба и овластување” од чл.353 ст.4 в.в ст.1 од Кривичниот Законик, соопштуваат во Управата.
„Пријавениот М.Б. во својство на претседател на РКЕ, ја злоупотребил својата службена положба и овластување, на начин што, спротивно на Законот за енергетика и Правилникот за лиценци иако бил должен да отпочне постапка за одземање на лиценца за вршење на енергетска дејност, трговија на големо со сурова нафта, нафтени деривати, биогорива и горива за транспорт-трговија на големо со еуродизел БС (Д-Е V), биодизел, еуросупер БС 95, екстра лесно 1 (ЕЛ-1) и течен нафтен гас (ТНГ) на правното лице „Тритерол петрол ДООЕЛ Скопје“, поради неисполнување на законски пропишаните услови, донел незаконско решение за прекин на постапката и наместо лиценцата да биде одземена на 15.01.2024 година, истата е одземена дури на 14.04.2025 година, со што ѝ овозможил на компанијата противзаконски да продолжи со вршење на енергетска дејност 15 месеци по истекот на законските услови и да учествува и да склучува договори по однос на јавни набавки“, наведено е во соопштението.
Со горенаведените дејствија, како што се додава, пријавениот ги повредил прописите кои бил должен да ги спроведува и му овозможил на правното лице „Тритерол петрол ДООЕЛ Скопје“ да оствари вкупен промет во висина од 194.520.962,00 денари и да се стекне со противправна имотна корист во износ од 14.093.576 денари.
Со став за случајот излегоа и во РКЕ.
„РКЕ и претседателот Марко Бислимоски се отворени за соработка со сите институции со цел да се расчисти посочениот случај кој е споделен во јавноста од страна на Финансиската полиција. РКЕ ја информира јавноста дека во конкретниот случај за постапката за одземање на лиценца на Тритерол Петрол е постапено согласно Законот за енергетика и Правилникот за лиценци, со тоа што на ист начин и во исти рокови е постапено и за други компании баратели на лиценци. РКЕ нема да коментира детали со цел да остави институциите на системот професионално да си ја
вршат работата“, се вели во соопштението на РКЕ.
















