Министерот за здравство Aзир Алиу информира дека има работна група за случајот со испраќањето човечки мозоци во САД за научни истражувања. Целта е да се провери дали за таквите активности имало документација. Го анализираат во МЗ целиот фолдер кој што е симнат од американското Министерство за правда, а беше поврзан со Македонија и мејловите на Џефри Епштајн.
Од ресорот потенцираат дека Министерството за здравство нема директни надлежности во спроведувањето на научно-истражувачката дејност.
Дополнително потенцираме дека во посочениот временски период законската обврска за чување на оваа документација била 15 години, а од 2018 наваму законската обврска за чување на документацијата е 25 години, посочуваат од МЗ.
Според институцијата, постапката за транспорт на ткива во тој временски период се состоела од: Информирана согласност на семејството, по што следувала одлука од Етичка комисија за истражување кај луѓе, за постапката да продолжи со дозвола за извоз на ткива од тогашно Биро за лекови, во кое прецизно се наведува дека ткивото е за научноистражувачка дејност и за кои цели се користи материјалот.
„Дополнително појаснуваме дека кога се работи за извоз на биолошки материјал, пред да отпочне самата постапка, потребно е меѓу научните институции во земјава и странство, кои бараат одобрени за извоз на биолошки материјал, да постои склучен формален договор (меморандум), каде се наведени и прецизирани детални протоколи согласно денешната регулатива и нормативна рамка – строго определени услови каде се прецизно се третира секое постапување со биолошкиот материјал, како и зошто се спроведува истражувањето, децидно да биде наведено постапувањето со биолошкиот материјал, како што се земањето, транспортот, примањето од установата и натамошното постапување“, стои во соопштението од Министерството за здравство.
Темата повторно се актуализираше кога американското Министерство за правда јавно објави документи поврзани со починатиот милијардер Џефри Епстин. Во нив се споменува грант што во 90-тите години го добиле Универзитетот „Колумбија“ и македонски медицински експерти, вклучувајќи ги Институтот за судска медицина, Институтот за патологија и Клиниката за психијатрија.
Во електронска порака, која станала дел од документацијата, се наведува дека Македонија со години придонесувала со примероци на човечки мозоци за истражувања на самоубиства.
















