Никој не кажува што е спорно со запленетата марихуана

Ниту полицијата ниту обвинителството до овој момент не ја потврди информацијата за, како што се најавува, историска заплена на дури 27 тони канабис во земјава.

Иако побаравме, од полицијата не добивме одговор зошто е одземена марихуаната, дали таа е предмет на кривично дело или се работи за канабис за медицински цели кои не ги исполнува законските стандарди.

Agria

Оттаму за ТВ24 велат дека не споделуваат детали додека акцијата трае.

„Активностите во однос на акцијата за која прашувате се сеуште во тек и поради тоа не сме во можност да споделиме дополнителни информации. По целосно завршување на акцијата соодветно ќе биде информирана јавноста.“

Засега нема официјална потврда ниту дали против одговорни лица ќе биде поведена истрага, ниту под која правна квалификација се води случајот. Неофицијално, фабриката од која е одземена марихуаната се поврзува и со случајот со петте тони канабис што минатата недела беа запленети во Србија. Тогаш српските власти информираа за голема пратка марихуана која, според нивните наводи, потекнувала од Македонија и транзитирала кон европскиот пазар. Сега, со најавената заплена од 27 тони, се отвора прашањето дали станува збор за ист ланец на производство и дистрибуција.

Според информациите што кружат во јавноста, канабисот бил складиран во индустриски објект во Скопје, а дел од количините биле поврзани со производствени капацитети и во Струмица. Не е јасно дали станува збор за легално произведен канабис за медицински цели кој излегол надвор од пропишаните рамки, или за целосно нелегално производство.

Од Обвинителството засега нема детали дали се постапува по предмет и дали се обезбедени докази за евентуално организирано криминално здружување. Јавноста очекува одговор и на клучното прашање, како пет тони марихуана ја напуштиле државата и стигнале во Србија, додека институциите молчат.

Премиерот Христијан Мицкоски во интервју синоќа рече дека во наредните денови Министерството за внатрешни работи ќе излезе со дополнителни детали. Според него, јавноста ќе биде информирана за десетици тони дрога кои, како што посочи, незаконски биле складирани или пуштани во промет.

Доколку се потврдат овие информации, станува збор за една од најголемите заплени на канабис во историјата на државата, случај што може сериозно да ги отвори прашањата за контролата врз лиценцираните производители, надзорот на институциите и евентуалните пропусти во системот.

Извор на веста: Телевизија 24

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: