Мицкоски: Очекувам инфлацијата да биде под три проценти, во рамките на проектираното

Премиерот Христијан Мицкоски очекува инфалцијата во наредните месеци да биде под 3 проценти, а таков износ очекува и за годишната инфлација, како што изјави денеска, во рамките на проекциите.

– Во делот на храната минатата година имаше божикна, јануарска кошничка и така ќе биде и во април. Ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3 проценти за годишната инфлација. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионот, освен во соседна Србија, каде што е 2,2 – 2,3 процента поради тоа што тие ја имаат онаа мерка со ограничување на цените на производите. Во првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира, ние го видовме тоа една година пред тие да го имплементираат и затоа се одлучивме преку други механизми да се бориме со инфлацијата. Што се однесува до другите месеци, очекувам да биде од 3 процентив – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање во однос на податоците за инфлацијата во јануари кога на годишно ниво изнесува 3,2 проценти, со месечен пад од 0,7 проценти, но со зголемување во делот кај храната за 5,2 проценти.

Agria

Премиерот дополни дека има многу држави во кои инфлацијата е многу поголема од оваа кај нас, како Романија, каде што инфлацијата е 9,8 проценти, Турција, каде што е двоцифрена, над 30 проценти, соседна Бугарија, Хрватска, итн…

– Јас очекувам инфлацијата кај нас годинава да биде под 3 проценти, односно во рамките на проекциите – рече Мицкоски по обраќањето на годишната конференција „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“.

Проекциите на Министерството за финанси, посочи ресорната министерка Гордана Димитреска-Кочоска, остануваат исти и веќе има стабилизирање на состојбите.

– Ние си имаме причини поради кои сме ги проектирале работите, а за справувањето најсооветно ќе одговори Народната банка, која презема одредени мерки и токму како резултат на тоа денес има намалување на инфалцијата. Секако, се следат состојбите, но како Министерство за финансии не би можеле да додадеме нешто повеќе бидејќи не сме тие што предлагаат мерки – рече Димитриеска-Кочоска.

Прашана за високиот износ на инфалцијата кај храната, посочи дека по растот на платите и цените, сега е дојден момент кога треба да се стаблизираат.

– Стаблизирањето никогаш не оди преку ноќ. Уште кога почна инфлацијата, како опозиција во тој период зборувавме дека треба да се најдат начини како да се стабилизираат цените, а не да се оди само на побрзо зголемување на платите со цел да се покријат тие цени. Тоа беше моментна состојба во тој период, имаше надворешни фактори – високата цена на струјата, ситуацијата по ковидот, конфликтот меѓу Украина и Русија. Тогаш зборувавме – преземете мерки, често зборував да се користат стоковите резерви, сè што може да се направи, претходната влада не ги спречи. Сега вие кога ќе ги научите фирмите дека за нивниот производ со повисока цена има продажба, многу е тешко да ги вратите назад. И таа навика сега треба да ја враќаме назад и да ги одвикнуваме и тоа се случува, но тоа не оди толку едноставно. А храната е секогаш затоа што е најбарана – рече Димитриеска-Кочоска.

Работиме, потенцира министерката, максимално на сите предизвици и оваа Влада покажа многу резултати, не се случува инфалцијата да биде како што отиде претходно. Мора да се согласиме и дека на светско ниво има голема нестабилност со разни одлуки, дали било за царини, дали некоја земја ќе нападне друга. Тоа може да биде причина за инфлација, но кај нас состојбите се стабилизраат, што е јасен показател дека, напротив, оваа Влада многу се грижи за состојбите, но не можете преку ноќ тоа да го намалите. Да оставиме институциите кои се надлежни за инфлацијата да работат на тоа – порача Димитриеска-Кочоска.

Во обраќањето на конференцијата Мицкоски се осврна на состојбата со цените во маркетите и најави дека ќе се продолжи со: засилен мониторинг на цените на основните прехранбени производи; анализа на трговските маржи; координација со надлежните институции за спречување евентуални злоупотреби; дијалог со трговците и производителите за стабилизирање на пазарот. – Нашата политика е јасна: стабилни јавни финансии и заштитен животен стандард – рече премиерот Мицкоски.

Како Влада, посочи дека ја споделуваат загриженоста на граѓаните. – Глобалните движења, енергетските шокови и нестабилностите влијаат врз пазарите. Но тоа не смее да биде алиби за неоправданите маржи и прекумерни профити на грбот на граѓаните. Пазарната економија значи слобода на трговија, но не значи без контрола. Конкуренцијата мора да биде фер. Потрошувачот мора да биде заштитен – порача Мицкоски.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: