Две лица оштетени за 7.000 евра, побарани и до 35.000 евра за лажни операции

Policija oznaka

СВР Велес апелира до граѓаните да бидат особено внимателни при комуникација со непознати лица и сите сомнителни случаи веднаш да ги пријават во најблиската полициска станица, откако во текот на вчерашниот ден во ОВР Неготино се евидентирани два нови случаи на измами.

Според информациите од полицијата, две лица биле измамени на различни начини и оштетени за суми од 3.000 и 4.000 евра. Најчестиот начин на извршување на ваквите измами е преку телефонски повици од непознати лица, кои граѓаните ги доведуваат во заблуда дека нивни блиски членови на семејството се здобиле со тешки повреди и итно им е потребна операција.

Agria

Измамниците најчесто лажно се претставуваат како лекари, полициски службеници или други службени лица и бараат итна уплата на пари за наводни оперативни зафати. Од почетокот на неделата се евидентирани и повеќе неуспешни обиди за измами, при што побараните суми во некои случаи достигнувале и до 35.000 евра.

Од СВР Велес информираат дека полициските службеници и во наредниот период ќе продолжат со активности за расчистување на случаите, како и со засилени превентивни мерки за заштита на граѓаните од ваков вид измами. Посебен акцент ќе биде ставен на повозрасната популација, која најчесто е мета на измамниците.

Полицијата повторно апелира граѓаните да не наседнуваат на вакви повици, да не споделуваат лични податоци и да не даваат пари без претходна проверка, туку веднаш да ја известат полицијата.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: