Локалната библиотека „Гоце Делчев“ од Велес, во соработка со Издавачката куќа „Бата Прес“, денес беше домаќин на познатата турска авторка за деца Ѓулшах Еликбанк. Повод за средбата беше работилницата посветена на нејзината книга „Во заседите на медуза“.
Учесници на настанот беа учениците од петто одделение при ООУ „Блаже Конески“. Тие претходно ја прочитале книгата, а инспирирани од нејзината содржина, изработиле и сопствена книга со цртежи, која ѝ ја подарија на авторката како спомен од средбата.
За време на работилницата се разговараше за содржината на делото, за ликовите и за инспирацијата што стои зад создавањето на една книга. Учениците имаа можност директно да ѝ поставуваат прашања на авторката и на издавачот, доближувајќи се уште повеќе до светот на литературата.

















