Тројца скопјани биле приведени откако физички нападнале млад пар во дом во Велес, при што употребиле електрошок и тврд предмет.
Според информациите од полицијата, вчера во 08:30 часот во СВР Велес, 23-годишна велешанка пријавила дека во нејзиниот дом дошол нејзиниот поранешен партнер Б.Б.(26) од Скопје и физички ја нападнал неа и нејзиниот сегашен 24-годишен партнер. Набргу потоа, како што е наведено во пријавата, во нападот се вклучиле и М.К.(30) и Д.Б.(43), двајцата од Скопје, кои дошле заедно со Б.Б., при што физички го нападнале нејзиното момче и употребиле електрошок и тврд предмет.
По преземените мерки, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги лишиле од слобода тројцата напаѓачи, кои подоцна биле спроведени во СВР Велес за понатамошна постапка. За настанот бил известен јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот против осомничените ќе бидат поднесени соодветни пријави.

















