Велешката полиција привела четири лица по инцидент што се случил вчера попладне, по расправија која прераснала во физичка пресметка на две различни локации во градот. Според информациите од СВР Велес, на 15 март 2026 година околу 18 часот од слобода биле лишени А.З. (48), Љ.З. (23) и М.З. (18), додека бил приведен и М.Б. (40), сите од Велес.
Како што е пријавено, околу 17:30 часот кај местото викано „Прилепски пат“ на патниот правец село Раштани – Велес, по претходна расправија, М.Б. бил физички нападнат од тројцата велешани. По нападот, тој успеал да им избега, но со дрвен предмет оштетил едно од нивните возила.
Инцидентот не завршил тука. Подоцна, на улицата „Методија Андонов Ченто“ во Велес, дошло до нова физичка пресметка меѓу А.З., Љ.З. и М.З. од една страна и М.Б. од друга страна.
По преземените мерки и проверки од страна на полицијата било утврдено дека М.Б. бил под дејство на алкохол, при што му биле измерени 0,87 промили алкохол во крвта. Дрвениот предмет со кој било оштетено возилото бил пронајден и одземен.
Тројцата напаѓачи биле задржани во полициска станица, за случајот бил известен јавен обвинител, а по целосно документирање на настанот ќе бидат поднесени соодветни пријави.

















