Една година од пожарот во кочанската дискотека „Пулс“

Денес се навршува една година од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде животот го загубија 63 млади луѓе. Празните столчиња, поставени во спомен на нив, го одбележуваат непополнетиот простор што го оставија зад себе, потсетувајќи на изгубените животи и неизбришливата болка на нивните семејства.

Ноќеска во 2:32 часот, точниот момент кога пред една година замре последниот пулс во „Пулс“, многубројни граѓани се собраа на бдение пред изгорениот објект. Со свеќи во рацете и воздискување, тие се потсетија на своите најблиски и на трагедијата која ги промени животите на Кочани и околните места.

Agria

Семјствата на жртвите, но и преживеаните, споделуваат приказни за годината што следеше: часови, денови и месеци на лекување и закрепнување, но и на прифаќање на болката која трајно ги обележа. Некои преживеани останале во кома со недели, други го поминале патот кон закрепнување низ кочанската, штипската и скопските болници, па дури и во соседни држави.

Во текот на годината, родителите на загинатите организираа „Марш на ангелите“ – симболичен чин на болка и надеж, кој се одржуваше секоја сабота, а понекогаш и пред институциите во Скопје. Пораката е јасна: трагедијата никогаш да не се повтори.

За одбележување на првата годишнина, Општина Кочани организира тридневна комеморативна и духовна програма: богослужби, отворање на меморијалот „Недовршени соништа – секое име е нечиј свет“, симболична инсталација „63 бели столчиња – 63 животи“ и мурал „Ѕид на сеќавање“. Во 2:15 часот по полноќ, времето кога избувна пожарот, се одржа и собир пред објектот „Пулс“.

И Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Кочани оддаде почит на жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“, по повод една година од пожарот во кој загинаа 63 лица.

Тој се потпиша во книгата на жалост, како чин на почит кон настраданите и израз на солидарност со нивните семејства, а присуствуваше и на комеморативниот настан „Ден на сеќавање – 16 март 2025“ што се одржа во Центарот за култура „Бели мугри“.

Истовремено, во Скопје се одржа „Меѓународна конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“, на која говореа лекари и функционери од земјата и странство, кои помогнаа жртвите да бидат згрижени и третирани навремено.

Годишнината од трагедијата остава длабок белег во јавноста: празните столчиња сведочат за животите кои ги загубивме, а сплотената поддршка од локалните заедници и младински организации како Сапорт Кочани испраќа порака на солидарност и надеж.

 

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: