Судот ја запре постапката против поранешниот судија Лазар Нанев, Обвинителството се откажа од гонење

Osnoven sud Veles

Судот ја запре постапката против поранешниот судија Лазар Нанев, Обвинителството се откажа од гонење Основниот суд Велес донесе решение со кое се запира кривичната постапка против Лазар Нанев, поранешен судија и претседател на Основниот суд во Кавадарци, кој беше обвинет за „несовесно работење во службата“.

Станува збор за предметот оформен по обвинителен предлог на Основното јавно обвинителство Велес од 23 јуни 2025 година, во кој Нанев се товареше за кривично дело по член 353-в став 4 од Кривичниот законик. Одлуката за запирање на постапката е донесена врз основа на член 62 став 2 од Законот за кривична постапка, откако Основното јавно обвинителство Велес со писмен поднесок од 2 март 2026 година го известило судот дека го повлекува обвинителниот предлог и се откажува од понатамошно кривично гонење.

Agria

Инаку, Нанев беше разрешен од судиската функција на 16 октомври 2024 година со одлука на Судскиот совет, по поведени две дисциплински постапки. Една од причините за разрешувањето биле десетици телефонски контакти – вкупно 97 јавувања во краток временски период – со лице кое било странка во предмет што лично го водел. Дополнително, против него имало и пријава од јавна обвинителка од Кавадарци, која укажала на притисоци и несоодветно однесување.

Токму Судскиот совет ја поднел и кривичната пријава врз основа на која беше оформен предметот во Основното јавно обвинителство Велес.

По разрешувањето од судската функција, Нанев се вработил како инспектор во Полициската станица во Кавадарци. Од судот информираат дека решението е донесено поради интересот на медиумите и невладините организации кои ја следат работата на институцијата. Со ова, постапката против Нанев е формално завршена, без судска пресуда за наводите од обвинението.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: