Пред точно 6 години, на денешен ден во 2020 година, Македонија стана 30-та членка на НАТО Алијансата — историски момент, исполнет национален интерес и голем државен успех!, напиша на Фејсбук лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Со одговорни и државнички политики, СДСМ ја внесе Македонија во НАТО, преку една од најбрзите пристапни постапки во историјата на Алијансата. Со тоа обезбедивме трајна безбедност, стабилност и сигурност за државата и за сите наши граѓани. Така се работи за татковината кога постои желба, волја, одговорност и сериозност.
Во време на глобални безбедносни ризици и воени конфликти, уште појасно се гледа колку оваа одлука била значајна.
Денеска, зад безбедноста на Македонија стои најмоќниот сојуз во светот — НАТО!
Сите ние сме особено горди на овој национален и државнички успех“ стои во неговата објава на социјалната мрежа.
Министерот за одбрана, Владо Мисајловски информираше дека денеска во Министерството за одбрана го одбележале Денот на Генералштабот на Армијата, 28 март, и денот кога пред 6 години Македонија стана дел од најмоќниот политичко-воен сојуз, НАТО.
„Овие датуми ја истакнуваат посветеноста и визијата на сите кои ја развиваат и модернизираат македонската Армија. Со нова опрема, инвестирање во човечкиот капитал и инфраструктурата, македонската Армија станува уште посилна и подготвена да ја гарантира безбедноста на татковината“, истакна Мисајловски во објавата на Фејсбук.
Тој посочи дека биле горди што како држава даваме голем придонес во Алијансата и што македонските војници се признати за нивниот професионализам и посветеност.
„Честит Ден на Генералштабот на Армијата!“, им честиташе министерот на армиските припадници.

















