Македонскиот композитор, велешанецот Сашко Костов ја освои престижната театарска награда „Икар“ за најдобра авторска музика, за неговата работа во претставата „Волшебниот дирижабл“.
Станува збор за проект во режија на Диана Добрева и продукција на Драмскиот театар од Пловдив, Бугарија, каде музиката на Костов, создадена заедно со Јавор Карагитлиев, доби високи оценки за својот автентичен звучен израз и атмосфера.
Признанието беше врачено во Народен театар „Иван Вазов“ во Софија, во рамки на доделувањето на наградите на Сојузот на бугарските артисти, кои важат за едни од најзначајните во театарската уметност во регионот.
Овој успех се смета за потврда на препознатливиот авторски стил на Костов, кој вешто комбинира електронска музика, живи инструменти и современи сценски форми, создавајќи силен драмски и емоционален ефект на сцената.

















