Апелациониот суд во Скопје денеска ќе одржи јавна седница по поднесените жалби на првостепената пресуда за грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес со која Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев беа осудени на доживотен затвор.
Предметот е во второстепена постапка по жалбите поднесени од одбраната и од Основното јавно обвинителство, кое се жали во делот на ослободителната пресуда за таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, како и за второто дело на обвинетите.
Основниот кривичен суд Скопје на 25 јуни 2025 година ги осуди Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев на доживотен затвор за кривичните дела грабнување и свирепо убиство на двете жртви, додека Александар Ѓорчевски беше ослободен од обвинението поради недостиг на докази.
Според обвинението, обвинетите заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, било со намера да го присилат да им го даде неговото возило за да го користат за грабнување на девојчето во Скопје.
Инаку, за каратистот Боре Видевски пред два дена бил хоспитализиран поради проблеми со бубрезите.
Познато е дека во минатото му бил трансплантиран бубрег, дониран од негов братучед. Според неговиот адвокат Бојан Манев, состојбата не е добра.
На прашањето дали Видевски е во животно-загрозувачка состојба, Манев за „Скопје1“. изјавил:
„Ќе ти речам дека да, но не сум медицинско лице за да го потврдам тоа. Има еден бубрег и тој работи од 20 до 30 проценти. Не е добра работата. Но колку и како, треба да каже некој доктор.“
Тој додал дека Видевски нема природни бубрези, туку само трансплантираниот, и дека поради условите и, како што тврди, несоодветната медицинска нега, резултатите му се над максималните граници.
„Фамилијата го видела, ќе мора да прави дијализа неколку пати. Како ќе се одвива тоа, ќе кажат докторите. Мора да прави дијализа, бидејќи бубрегот работи околу 20–30%“, изјави Манев.
Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.

















