Борец без решение во финишите на сетовите, Штип УГД на чекор до титула

Одбојкарите на Борец пропуштија голема можност да израмнат на 1:1 во финалната серија, откако вчера во Велес беа поразени од Штип УГД со 0:3 во сетови. Со овој резултат, гостите поведоа со 2:0 во победи и се на само еден триумф од шампионскиот трофеј.

Иако конечниот резултат тоа не го покажува, Борец одигра храбро, особено во првиот сет кој можеше да ја однесе средбата во поинаков тек. Велешани фуриозно го отворија мечот и поведоа со убедливи 7-1, носејќи надеж дека конечно ќе се најде противлек за разиграниот противник. Сепак, како одминуваше сетот, Штип УГД постепено ја топеше предноста. Клучниот момент се случи во самиот финиш кога резултатот беше израмнет на 21-21. Токму таму искуството на гостите дојде до израз – Борец не ја искористи шансата, а штипјани со 24-26 го добија сетот и поведоа со 0:1.

Agria

Вториот сет донесе пад во играта на домашниот состав. Штип УГД ја презеде целосната контрола и без многу проблеми го доби со 14-25, најавувајќи дека е на добар пат кон нов триумф. Во третиот сет Борец повторно покажа карактер. Се водеше израмнета борба до самиот крај, но повторно во клучните поени гостите беа посмирени и поефикасни, па со 23-25 ја затворија средбата за конечни 0:3.

Сега Борец се наоѓа пред најтешкиот предизвик – мора да победи три натпревари по ред ако сака да се врати во игра за титулата. Од друга страна, Штип УГД веќе во следниот меч ќе има шанса да ја завери историската шампионска титула и да ја заокружи сезоната со двојна круна, откако претходно го освои и Купот на Македонија.

 

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: