Поради постоење околности што укажуваат на опасност од бегство, како и оправдан страв дека ќе влијае врз сведоци и ќе ја попречува истрагата, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, поранешен претседател на Фудбалската федерација на Македонија.
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против поранешен претседател на Фудбалската федерација на Македонија, поради основано сомнение дека сторил кривично дело – Проневера во службата од член 354 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според сомненијата, во периодот од ноември до декември 2024 година, осомничениот како службено лице и претседател на ФФМ, прибавил противправна имотна корист од околу 660 илјади евра за правно лице од Скопје, што претставува износ што надминува значителна имотна корист.
Сомненијата укажуваат дека делото е извршено преку користење на средства што ФФМ, како членка на УЕФА, ги добила во текот на 2024 година како строго наменски финансиски средства за ревитализација на спортски терени и инфраструктура.
Со финансиската поддршка од УЕФА во рамките на програмата „HatTrick VI“, осомничениот започнал постапка за реализација на проект за изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид и предложил отпочнување постапка за избор на компанија за реализација. По одобрување од Управниот одбор, биле побарани понуди од три фирми, при што била избрана најповолната понуда во вредност од околу 3,3 милиони евра без ДДВ.
Иако тоа не било побарано од изведувачот, ниту било предвидено во повикот за доставување понуди, осомничениот, спротивно на одлуката на Управниот одбор, внел дополнителен услов во договорот со избраната фирма – авансна исплата од 20% од вкупната вредност на договорот пред започнување на градежните работи, без претходно постапување од страна на изведувачот. Притоа, не било предвидено никакво правно обезбедување за исплатените средства.
Таквиот договор бил потпишан, по што на 17.12.2024 година осомничениот, со налог до службите, ги префрлил авансно средствата во износ од околу 660 илјади евра, кои му биле доверени во службата, на правното лице.



















