Американските власти соопштија дека осомничениот за пукањето на вечерата на дописниците во Белата куќа бил вооружен со сачмарка, пиштол и повеќе ножеви. Претседателот Доналд Трамп изјави дека најверојатно тој бил целта на нападот и го нарече напаѓачот „луд човек“.
Трамп, на прес-конференција по нападот рече дека агенти на Федералното истражно биро (ФБИ) вршат претрес во домот на осомничениот во Калифорнија, кој според американските медиуми работел како наставник во Калифорнија.
Трамп, исто така, рече дека напаѓачот бил „брз“ и ја пофали реакцијата на Тајната служба.
„Тајната служба денеска заврши подобра работа отколку при обидот за атентат во Батлер“, изјави Трамп.
За време на обраќањето, американскиот претседател беше опкружен со повеќе високи претставници на администрацијата, меѓу кои државниот секретар Марко Рубио, министерот за одбрана Пит Хегсет, потпретседателот Џеј Ди Венс и првата дама Меланија Трамп.
Трамп исто така најави дека вечерата на дописниците ќе биде повторно организирана и оцени дека следниот настан ќе биде „подобар“ и „побезбеден“.



















