Епидемиологот Драган Данаиловски предупредува дека хантавирусот деновиве станал „нова суровина за глобалната индустрија на страв“, откако информациите за изолиран случај на крузер во Јужниот Атлантик предизвикаа лавина од шпекулации и апокалиптични сценарија на социјалните мрежи. Во објава на Фејсбук, Данаиловски посочува дека јавноста повторно е изложена на масовно ширење на теории за пандемии, контрола и глобални агенди.

„Доволен беше еден изолиран настан на крузер во Јужниот Атлантик за интернет-просторот повторно да експлодира со апокалиптични сценарија, ‘предвидувања’, мистериозни објави од минатото, сомнежи за глобални агенди и рециклирани теории за контрола на човештвото“, наведува Данаиловски.
Според него, по ковид-пандемијата општеството останало психолошки преосетливо на теми поврзани со инфективни болести. „Доволни се неколку драматични формулации, неколку недоискажани инсинуации и една фотографија со лабораториски амбиент, за кај дел од населението повторно да се активира чувството дека ‘нешто се подготвува’“, пишува епидемиологот. Тој предупредува дека во ширењето на стравот понекогаш учествуваат и здравствени професионалци.
„Во таков контекст, јавната комуникација на медицинската фела повеќе не е приватна работа – лаф-муабет во кафуле. Социјалните мрежи (веќе) се масовен медиум. А алгоритмите наградуваат страв“, оценува Данаиловски.
Во својата анализа тој објаснува дека хантавирусите не се нов феномен, туку одамна позната група вируси поврзани со глодари, кои претставуваат нивен природен резервоар. Данаиловски нагласува дека вирусот Andes, кој е поврзан со случајот на крузерот „Хондиус“, е специфичен тип на хантавирус што циркулира во Јужна Америка и не претставува закана за Македонија. „Многу важно! Тој вирус не циркулира кај нас. Ниту постои ризик да ‘скокне’ од некој од заразените на крузерот“, потенцира тој.
Според него, во моментов нема никакви индикации за сценарио слично на ковид-пандемијата. „Поради тоа, во моментот не постојат индикации за сценарио што би наликувало на ковид-пандемијата“, наведува Данаиловски. Сепак, тој предупредува дека постојат реални локални проблеми кои не смеат да се игнорираат, особено во делот на урбаната хигиена, дератизацијата и контролата на глодарите.
„Во изминатиот период, Скопје и други средини се соочуваа со сериозни проблеми со отпадот. Контејнери преполни со денови. Купишта смет покрај улици. Расфрлан органски отпад. Диви депонии. ‘Мијазма’ на 21 век!“, пишува епидемиологот.
Тој додава дека токму ваквите услови создаваат средина погодна за експанзија на стаорци и глувци, кои можат да бидат потенцијален резервоар за повеќе инфективни заболувања. Данаиловски апелира институциите сериозно да пристапат кон дератизација, дезинфекција, санитарен надзор и контрола на дивите депонии пред почетокот на летото. „Крајно време е да научиме да правиме разлика меѓу реален јавно-здравствен ризик и интернет-фантазија што живее од колективниот страв“, порачува тој.
На крајот, епидемиологот заклучува: „На јавноста денес ѝ се потребни точни информации, трезвеност и превенција. Не ни треба нова паника.“
















