Европската комисија објави дека доделува речиси 160 милиони евра за Македонија, Албанија и Црна Гора во рамките на Планот за раст на Западен Балкан. Се забележува дека обезбедувањето на овие средства е условено од спроведувањето на реформите.
Комисијата позитивно ги оцени реформите преземени во областите на конкурентност и иновации во Албанија и Црна Гора, како и во образованието и дигитализацијата во Македонија. Со денешната одлука, вкупниот износ доделен според планот достигнува 212,8 милиони евра за Албанија, 89,3 милиони евра за Црна Гора и 142,1 милиони евра за Македонија.
Во Македонија, оценетите реформи вклучуваат мерки за подобрување на финансирањето на основното и средното образование, како и за проширување на пристапот до дигитална инфраструктура и ИТ опрема во училиштата. Од 65,7 милиони евра исплатени денес, речиси половина (30,6 милиони евра) ќе бидат префрлени во државниот буџет, додека остатокот ќе биде наменет за инвестиции.






















