На едно четиричлено семејство во Македонија во јуни му се потребни најмалку 68.654 денари за да ги покрие основните животни трошоци, покажуваат најновите податоци од Синдикалната минимална кошница што денеска ги објави Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според пресметките на ССМ, доколку семејството живее под кирија во стан од 60 квадратни метри, месечните трошоци се зголемуваат за повеќе од 15.000 денари и достигнуваат 84.024 денари. Во однос на мај, кога минималната кошница изнесуваше 68.742 денари, во јуни е регистрирано благо намалување од 88 денари, што практично не носи значителна промена во семејниот буџет.
Најголем дел од трошоците и натаму отпаѓаат на храната и пијалаците. За оваа ставка се потребни 25.120 денари, односно 36,6 проценти од вкупната вредност на минималната кошница. Втора најголема ставка е образованието, за кое се издвојуваат 7.192 денари или 10,5 проценти од месечниот буџет. За облека и обувки се потребни 6.511 денари, додека за режиски трошоци како вода, струја и греење се пресметани 6.379 денари.
За рекреација и култура семејствата треба да обезбедат 5.592 денари, а за транспорт 5.089 денари. За угостителски и хотелски услуги се предвидени 4.131 денар, додека за комуникации се потребни 3.677 денари. Најмал удел во минималната кошница имаат трошоците за лична хигиена и одржување на домот со 2.667 денари, здравствените услуги со 1.196 денари и останатите стоки и услуги со 1.100 денари.
Податоците на ССМ покажуваат дека и покрај симболичното намалување на синдикалната кошница, животните трошоци остануваат високи, а најголем товар за семејните буџети и натаму претставуваат храната, образованието и основните режиски давачки.

























