Пензискиот систем во земјава сè повеќе зависи од државната помош, покажува најновиот ревизорски извештај за работењето на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (ПИОМ) за 2024 година. И покрај растот на приходите од придонеси, тие не се доволни за да ги покријат трошоците за исплата на пензиите, а ревизорите утврдиле низа проблеми – од доцнење на плаќања и милионски долгови, до неевидентиран имот и слабости во јавните набавки.
Државниот завод за ревизија (ДЗР) за финансиските извештаи на ПИОМ за 2024 година изразил неповолно мислење за вистинитото и објективното прикажување на финансиската состојба и резултатите од работењето, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со законската регулатива и воспоставените политики.
Според ревизорите, наплатените придонеси за пензиско и инвалидско осигурување во 2024 година се зголемиле за 14 проценти во однос на претходната година и достигнале 71,4 милијарди денари. Овие средства учествуваат со 61,74 проценти во вкупните приходи на Фондот.
Но, и покрај зголемената наплата, средствата не биле доволни за исплата на пензиите. Расходите за пензии во 2024 година достигнале 90,2 милијарди денари, што значи дека разликата морала да биде покриена со средства од државниот буџет.
Ревизијата покажува и дека продолжува да се влошува односот меѓу бројот на осигуреници и пензионери. На крајот од 2024 година во ПИОМ биле евидентирани 556.294 осигуреници и 343.048 пензионери. Тоа значи дека на еден пензионер има само 1,63 осигуреници, додека една година претходно соодносот бил 1,70 осигуреници на еден пензионер.
Дополнителен проблем, според извештајот, се доцнењата во префрлањето на придонесите кон вториот пензиски столб. Иако ПИОМ навремено ги подготвувал пресметките и ги доставувал до надлежното министерство, средствата не биле префрлани во предвидените рокови.
Ревизорите укажуваат и на обврските кон Фондот за здравствено осигурување. ПИОМ не ги уплаќал навремено придонесите за здравствено осигурување на пензионерите, иако тоа претставува законска обврска.
За утврдените состојби ДЗР дал повеќе препораки до надлежните институции, со цел подобрување на финансиското работење и обезбедување поголема стабилност на пензискиот систем.

























