Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива непречено, по суви коловози, а интензитетот на возила надвор од градските средини е умерен, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ). Од македонска страна на граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината на движење, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и внимателно да управуваат со возилата, особено на делниците низ котлини, речни долини и клисури, каде постои можност за појава на одрони.
Посебна внимателност се препорачува на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од утре започнува летниот времен режим на сообраќај на државните патишта, кој ќе трае до 31 август. Со него се воведува забрана за движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони за време на викендите, како и во денови кога се регистрираат екстремно високи температури.

























