Собранието ги усвои измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, со кои за првпат детално се регулира користењето на електричните тротинети. Со новите правила, право на управување ќе имаат само полнолетни лица, а максималната дозволена брзина е ограничена на 20 километри на час.
Електричните тротинети ќе мора да се движат по велосипедски патеки или ленти, а само ако таква инфраструктура не постои ќе биде дозволено движење по тротоари и пешачки патеки. На овие површини брзината не смее да надмине 6 километри на час, со цел да не се загрозува безбедноста на пешаците.
Законот забранува превоз на второ лице на тротинет, а за прекршување на ова правило е предвидена казна од 50 евра. Иста глоба ќе се изрекува и за возење без двете раце на управувачот, држење за друго возило, влечење предмети, како и за користење мобилен телефон, таблет, паметен часовник или слушалки, освен комуникациски систем вграден во заштитен шлем.
Возачите ќе бидат обврзани да носат заштитен шлем, а во ноќни услови и при намалена видливост и рефлектирачки елек. За непочитување на овие обврски се предвидени прекршочни санкции.
За неправилно движење, користење несоодветни површини или возење во спротивна насока е пропишана глоба од 80 евра, додека за надминување на дозволената брзина казната изнесува 120 евра.
Доколку прекршок направи малолетник, покрај него ќе одговара и родителот или старателот, кој ќе може да биде казнет со 50, 80 или 120 евра, зависно од видот на прекршокот.
Со измените на законот, институциите очекуваат поголема безбедност во сообраќајот, помал број прекршоци и воспоставување јасни правила за користење на електричните тротинети, кои во последните години станаа сè почесто превозно средство во урбаните средини.

























