На Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби се лабораториски потврдени два случаи на Западнонилска треска.
Двајцата пациенти се хоспитализирани, под континуиран медицински надзор и се лекуваат согласно современите медицински препораки. Нивната здравствена состојба внимателно се следи.
„Апелираме до граѓаните доследно да ги почитуваат мерките за лична заштита од убоди од комарци: користење репеленти, носење облека со долги ракави и ногавици при престој на отворено, поставување заштитни мрежи на прозорците и отстранување на застојаната вода во околината, каде што комарците се размножуваат.
Во моментов нема причина за паника, но постои потреба од зголемена претпазливост, особено во летниот период кога активноста на комарците е најголема. Граѓаните кои по убод од комарец ќе развијат висока температура, силна главоболка, вкочанетост на вратот, нарушена свест или други невролошки симптоми треба веднаш да побараат медицинска помош.
Клиниката останува во постојана координација со надлежните здравствени институции и внимателно ја следи епидемиолошката состојба. Според последните достапни европски извештаи, оваа сезона веќе се регистрирани случаи на Западнонилска треска во регионот, што ја нагласува важноста од навремена дијагностика, надзор и превентивни мерки“, стои во соопштението.





















