Со изведување на материјални докази од Обвинителството денеска во судницата во „Идризово“ треба да продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Обвинителството, како што е најавено, треба да презентира листинзи од телефонска комуникација, со што од материјалните докази предложени од обвинителството ќе остане уште изведување на градежно вештачење и произнесување на вештите лица.
На минатото рочиште обвинителството презентираше докази, како записници од претрес и потврда за привремено одземени предмети од МВР, дописи, известувања и записници од СВР Штип, известувања од Државен пазарен инспекторат, како и предмети од ДПИ за Класик ДМ и ММММ Кафе, налози за вршење инспекциски надзор и записници од извршени инспекциски надзори од ДПИ.
Јавната обвинителка Наташа Сарамандова, пред изведување на доказите, напомена дека ова не е едноставен кривично-правен настан и има бројни докази кои веќе се при крајот на нивното изведување, а најмногу се однесуваат во однос на околностите зошто во овој настан, последицата е починати 63 лица и тешки телесни повреди кај повеќе од 200 лица, од кои повеќето се млади и деца.

























