Собранието денеска треба да ја започне 112. седница на која ќе се расправа за реконструкцијата на Владата, со разрешување на повеќе министри и избор на нивни наследници.
Според предложените кадровски промени, од функцијата министер за правда ќе биде разрешен Игор Филков, а на негово место е предложен Јетон Шасивари. Министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ треба да ја преземе функцијата министер за локална самоуправа, додека актуелниот министер Златко Перински е предложен за директор на Фондот за здравствено осигурување.
На чело на Министерството за здравство се предлага Сашо Клековски, кој треба да го наследи Азир Алиу, а за министер за односи меѓу заедниците е предложен Агон Ферати.
Промени се предвидени и во Министерството за земјоделство, каде Борче Серафимовски треба да го замени Цветан Трипуновски, како и во Министерството за социјална политика, демографија и млади, каде Ѓоко Велковски е предложен на местото на Фатмир Лимани.
Во Министерството за култура и туризам, наместо Зоран Љутков е предложен Седат Сулејмани, додека Ерџан Демир е кандидат за министер без ресор, на местото на Шабан Салиу.
Се очекува премиерот Христијан Мицкоски на седницата да ги образложи причините за реконструкцијата на Владата, која ја најавуваше во изминатиот период.
Според Деловникот на Собранието, за секој предлог за разрешување се отвора расправа што може да трае најмногу два дена. Министерот за кого е поднесен предлогот има право на обраќање во траење до 15 минути, а изборот на новите министри се врши со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.






















