Вредноста на синдикалната минимална кошница за јули 2026 година изнесува 68.654 денари, покажуваат најновите пресметки на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Во споредба со мај, кога за покривање на основните месечни трошоци на едно четиричлено семејство биле потребни 68.742 денари, кошницата е намалена за 88 денари.
Најголем товар за семејниот буџет и понатаму претставуваат трошоците за храна и пијалаци, за кои се издвојуваат 25.120 денари, односно 36,6 проценти од вкупната вредност на синдикалната минимална кошница.
За образование се потребни 7.192 денари, за облека и обувки 6.511 денари, а за домување, вода, електрична енергија и греење 6.379 денари. За рекреација и култура се предвидени 5.592 денари, додека за транспорт се потребни 5.089 денари.
Во категоријата ресторани и хотели се издвојуваат 4.131 денар, за комуникации 3.677 денари, за лична хигиена и одржување на домот 2.667 денари, за здравје 1.196 денари, а за останати стоки и услуги 1.100 денари.
ССМ посочува дека за семејствата кои живеат во изнајмен стан од 60 квадратни метри, месечните трошоци се значително повисоки. Во тој случај, вредноста на синдикалната минимална кошница достигнува 84.024 денари, при што само за домување, вода, електрична енергија и греење се потребни 21.754 денари месечно.






















