Возачот кој на почетокот на август возеше во спротивна насока на автопатот Скопје-Велес е лишен од слобода, соопшти МВР. Против него ќе биде поднесена кривична пријава за безобѕирно управување со возило.
Станува збор за М.Ш. (39) од селото Челопек, Тетовско, кој на 2 август околу 19:20 часот, со автомобил „голф“ со тетовски регистарски ознаки, се движел во спротивна насока на автопатот Скопје-Велес.
Неговото опасно возење беше забележано од очевидци, кои направија фотографии и ги објавија на социјалните мрежи. Пет дена подоцна, денеска, полициски службеници од Мобилната единица при Секторот за сообраќајни работи на МВР го лишија од слобода 39-годишниот возач.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на случајот, против него ќе биде поднесена кривична пријава согласно член 297-а од Кривичниот законик, за „безобѕирно управување со моторно возило“. М.Ш. ќе биде изведен пред надлежен јавен обвинител.

























