Велешката полиција синоќа лишила од слобода 33-годишен маж и 29-годишна жена од Велес, по претходна пријава за запуштање и малтретирање на дете.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, полициски службеници од СВР Велес ги лишиле од слобода Ѓ.Ш. (33) и С.Ш. (29) на 7 август во 20:40 часот.
„Полициски службеници и претставници од Центар за социјални работи Велес извршиле увид во домот каде престојуваат Ѓ.Ш., С.Ш. и нивните пет малолетни деца, при што било констатирано дека немало основни услови за живот и одгледување на децата“, велат од МВР.
Во координација со инспектор за малолетници и социјални работници од Центарот за социјални работи – Велес, петте деца биле однесени во Општата болница во Велес за да се утврди нивната здравствена состојба.
По извршените прегледи, децата биле предадени во Центарот за поддршка на згрижувачки семејства „СОС Детско село“.
Од МВР информираат дека по целосното расчистување и документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави.

























