Јаневска: Околу 14.500 првачиња запишани годинава, ќе се затворат 26 рурални училишта

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска соопшти дека годинава досега се запишани околу 14.500 првачиња, а во текот на учебната година се очекува да бидат затворени 26 рурални училишта.

Zito baner

Јаневска на прес-конференција во Министерството за образование и наука рече дека бројот на запишани првачиња е помал од лани, но нагласи дека бројката сè уште не е конечна.

Agria

„Тоа не е дефинитивна бројка, затоа што во текот на целиот август и во септември дополнително ги запишуваме првачињата кои задоцниле со уписот“, рече Јаневска.

Според неа, намалениот број ученици веќе довел до намалување на бројот на паралелки. Во основното образование има околу 200 паралелки помалку, а во средното околу 100 помалку.

Министерката најави и затворање на 26 рурални училишта во кои нема запишано првачиња, а во некои од нив учат само пет до осум ученици.

„Потенцирам дека тоа се прави со цел да им се овозможи социјализација на учениците и да се подобри квалитетот на образованието. Не сакаме нивно изолирано постоење во одредена рурална средина каде што владеат одредени принципи, па и одредени стереотипи и каде што квалитетот на образованието не може да биде соодветен заради малиот број на ученици“, рече таа.

Таа посочи дека во некои рурални училишта има комбинирани паралелки со ученици од повеќе одделенија, што, според неа, не овозможува доволно квалитетен образовен процес.

Сепак, таа нагласи дека училиштата нема да се затвораат ако најблиското училиште е оддалечено 15 или 20 километри или ако патиштата се несоодветни и небезбедни за малите деца.

На прес-конференцијата, Јаневска се осврна и на намалувањето на ученичката кошничка за 15 отсто, оценувајќи дека мерката ќе биде олеснување за семејните буџети.

Таа ги посочи бесплатните учебници и превозот како форми на поддршка за родителите, а додаде дека одредени општини обезбедуваат електронски уреди, ужина и храна за учениците.

Во однос на субвенционираниот студентски оброк, Јаневска рече дека засега не се планира зголемување на износот, бидејќи до МОН не стигнало такво барање од студентските организации.

Според неа, износот пред две години бил зголемен за 20 денари, наместо постепено усогласување со инфлацијата, и оцени дека со тоа студентите добиле средства за најмалку три години однапред.

„Пред две години во разговор со студентите тие бараа проширување на опсегот и рекоа дека се задоволни од цената. Но пред тие две години ние, наместо да покачуваме по седум денари, односно да се усогласуваме со инфлационата стапка, ние покачивме одеднаш 20 денари. Значи, најмалку за три години однапред ние им дадовме пари на студентите“, рече министерката.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: