Двајца странски државјани се лишени од слобода на граничниот премин Табановце, откако преку системот „Безбеден град“ било утврдено дека претходно на автопатот А-1 возеле со брзини повеќе од двојно поголеми од дозволената.
На 26 август во 22:15 часот, на излез од државата, полициски службеници извршиле контрола на „мерцедес бенз“ со српски национални ознаки, управуван од 51-годишната И.М. од Србија.
При проверката било констатирано дека таа на автопатот А-1, на делницата Демир Капија–Гевгелија, управувала со возилото со 168 километри на час, на место каде што максимално дозволената брзина е 80 километри на час.
Само неколку часа подоцна, на 27 август во 05:00 часот, на истиот граничен премин бил контролиран и „ауди“ со холандски национални ознаки, управуван од 32-годишниот А.А. од Холандија.
И кај него системот „Безбеден град“ покажал дека е евидентиран како сторител на кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“. Тој на автопатот А-1, во близина на Демир Капија, возел со 177 километри на час, при дозволени 80 километри на час.
И.М. и А.А. се лишени од слобода и против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.




















