Во судницата во Идризово при Основниот кривичен суд Скопје денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Случајот е во доказна постапка, а денешното рочиште треба да продолжи со вкрстено испрашување од одбраната на тимот градежни вештаци кои го изработиле градежното вештачење на Обвинителството.
На претходното рочиште, одбраната на обвинетите упати серија прашања до вештаците, професор Горан Марковски и професорката Душица Анѓелковиќ, главно поврзани со урбанистичкиот статус на објектот.
Случајот го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Со распитот на тимот вештаци од Градежниот факултет при УКИМ се очекува да заврши доказната постапка на Обвинителството, по што одбраната треба да започне со изведување на своите докази.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настапот на групата ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.




















