Со изведбата на претставата „Бегалка“ на Народниот театар од Струмица, вчера во Велес започна 23. издание на Меѓународниот фестивал на античка драма „СТОБИ“.
Фестивалот, во организација на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“, ќе трае до 24 септември, а пред велешката публика ќе се претстават театри од Македонија, Србија и Италија, со различни сценски изрази и современи толкувања на античката драма.
Вечерва на програмата е италијанскиот театар S’AZRA со претставата „Претходно“. Фестивалската програма продолжува на 21 септември со „Годо“ на велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“. На 22 септември следува „Падот на Масада“ на Драмскиот театар од Скопје.

На 23 септември во Велес гостува Народното позориште „Тоша Јовановиќ“ од Зрењанин, Србија, со претставата „Лисистрата“. Фестивалот ќе биде затворен на 24 септември со „Сите прекрасни нешта“ на Народниот театар од Штип.
За фестивалските награди ќе одлучува тричлена жири-комисија во состав Весна Димитрова Бобевски, Кети Борисовска и Пеце Ристевски.






















