Втората лига жени во одбојка во сезоната 2026/2027 ќе брои десет екипи, но меѓу нив нема да биде велешката Виола Волеј, која минатата сезона дебитираше во ова натпреварување.
Покрај осумте екипи кои и минатата сезона беа дел од Втората лига, во новата сезона ќе настапат и Ускана Волеј, која минатата година заврши на десеттото место во Првата лига, како и Шкендија Волеј, која ќе дебитира во второлигашката конкуренција.
Од Виола Волеј велат дека причината за непријавувањето на екипата е недостатокот на соодветни термини за тренинзи, но и проблемите со обезбедување термин за одигрување на натпреварите. Поради овие проблеми, клубот бил приморан да не пријави екипа за натпреварување во сезоната 2026/2027.
Сепак, Велес и понатаму ќе има свој претставник во Втората лига жени. Тоа ќе биде екипата на Борец жени, која ќе се обиде да го претставува градот во второлигашката конкуренција. Првенството започнува на 17 октомври, а велешанки во првото коло ги очекува гостување кај дебитантот Шкендија Волеј.

Натпреварувачкиот систем останува ист како и минатата сезона. Екипите ќе играат двокружно, по Бергер систем, односно дома и на гости, во вкупно 18 кола. Девет кола ќе се одиграат во есенскиот, а девет во пролетниот дел од сезоната.
По завршувањето на првенството ќе биде познат конечниот пласман. Првопласираната екипа директно ќе обезбеди пласман во Првата лига жени за сезоната 2027/2028, додека второпласираната ќе игра бараж за влез во најсилното друштво против деветтопласираната екипа од Првата лига. Баражот ќе се игра во два натпревари, дома и на гости.























