Фудбалерите на Борец 1919 не успеаја да го задржат максималниот учинок по првите три кола во Третата лига – Регион 4, откако на домашен терен одиграа 1:1 против Башкими од Горно Јаболчиште.
Велешани имаа иницијатива во текот на целиот натпревар, но гостите први стигнаа до водство. Во 8. минута, поранешниот фудбалер на Борец 1919, Александар Јордановски, ја затресе мрежата на домаќините за 0:1.
По примениот гол, Борец 1919 тргна во целосна офанзива кон голот на Башкими, а притисокот резултираше со израмнување во 28. минута. Капитенот Милан Чичевски погоди за 1:1, резултат со кој се замина и на полувреме.
Во вториот дел домаќините продолжија со напади и обиди да стигнат до целосен пресврт, но неефикасноста во завршницата ги спречи да го освојат целиот плен. Башкими, пак, успеа да го сочува резултатот и да стигне до првиот бод во првенството.
За Борец 1919 ова е првото реми по три одиграни кола, по две победи на стартот на сезоната. Во следното коло велешкиот состав го очекува тешко гостување во Неготино, кај минатогодишниот второлигаш Вардар.






















