Лани откриени 1.000 нови случаи на рак на дојка, 7.000 заболени се на активен третман

onkologija

Илјада пациенти со канцер на дојката се дијагностицирани минатата година и во овој момент на активен третман на Клиниката за радиотерапија и онкологија се 7.000 заболени – истакнаа на Зружението „Хема-онко“ на настанот, што го организираа денеска на Клиниката, а е посветен на пациентите, здравствените работници и на заедничкото градење подобра и посеопфатна онколошка грижа, со наслон „Појадок со ‘Хема-онко’“.

Zito baner

Директорот на Клиниката, Игор Стојковски, изјави дека минатата година се воведени нови лекови за болните од канцер, конкретно за канцерот на дојката, го зголемивме бројот на пациенти што се третирани со специфичен третман.

Agria

-Почнавме нешто делумно да функционира, односно дисперзијата да функционира делумно како консултативно-специјалистичка дејност во Градската општа болница „8 Септември“. Продолжуваме понатаму и годинава, се надеваме и следната, онколог од Скопје ќе оди во Клиничката болница во Битола. Тоа е она што можеме да го направиме за доброто на пациентите и за делумно растоварување на метежот во Клиниката. Понекогаш терапијата може да доцни минимално поради дистрибутивните недостатоци. Во врска со идејата во времето на претходниот министер за здравство за тригодишна набавка за дел од терапиите, рече дека работат и дека најверојатно тоа може да го направат во следната јавна набавка за 2027 година – рече проф-д-р Стојковски.

На прашање колку чекаат пациентите кога ќе дојдат да примат терапија, со оглед на тоа дека на социјалните мрежи пациенти постојано реагираат дека ќе дојдат изутрина на Клиниката, а ќе завршат попладне со терапијата, тој рече дека тоа зависи од терапијата и дека разни терапии разна должина имаат.

Во врска со тоа што со години се говори за процес на дисперзија (децентрализација) на онколошката терапија во Градската општа болница „8 Септември“, Битола и во Штип, тој посочува дека планирано е дисперзијата да е во неколку фази.

-Почна првата фаза, тоа е специјалистичко-консултативна дејност. Се надеваме дека в година ќе почне и дневната болница да функционира, значи неколку фази се тоа. Зависи од инфраструктурата на болниците. Примарно е безбедноста на пациентите да биде соодветна, значи тоа подразбира, покрај кадар и инфраструктура соодветна, да може терапијата да се прима безбедно. Дека е проблем – да, постои, значи и сами можете да видите – истакна проф д-р Стојковски.

На новинарско прашање за тоа како ќе го решат проблемот со прекинот во доставувањето на терапијата, што неколкупати се случуваше и дека пациентите се загрижени, рече дека може да дадат укажување на веледрогеријата, односно дистрибутерот ги знае консеквенците кои се, кои ги има со доцнењето кај пациентите.

Според него, од година на година растат потребите од финансии поради две причини, главно поради тоа што има зголемување на бројот на пациенти и зголемување на преваленцата, значи пациентите подолго примаат терапија, подолго имаме успеси во лекувањето, значи подолго преживување, така што секогаш постои потреба од зголемување на финансиските средства во наредната година.

-Во однос на институционалната статистика, минатата година ја завршивме со 5.300 нови пациенти од разни локализации. Во принцип расте бројот, значи по 200 до 300 пациенти плус годишно новорегистрирани. А во однос на преваленцата, пациенти што барем еднаш се јавуваат на Клиниката во текот на една календарска година, зборуваме за број од речиси 20.000 на годишно ниво. Имаме и колега од Harvard Medical School, значи онколог е, денеска е во посета на Клиниката. Поводот е ист – канцерот на дојката, значи се надеваме на соработка во едукацијата на помладите колеги – додаде проф. д-р Стојковски

Во врска со децентрализацијата, Ана Марјановиќ од Здружението рече дека како здружение инсистирале тоа да биде направено на начин на кој, пред сѐ, ќе има сигурна терапија за пациентите и услови во кои ќе ја примаат редовно, навремено и во атмосфера што ја заслужуваат.

-Не е поентата само да се прима терапијата, туку навистина да обезбедиме дека секој пациент што нема да биде на Клиниката за онкологија, да ја прима безбедно оваа терапија. Од една страна, како пациенти најмногу знаеме колкав е притисокот на Клиниката на онкологија и тоа е и поради фактот што имаат недостиг на персонал, кој се обидуваат да го надоместат, а од друга, поради големиот број експерти во однос на лекувањето, посебно за дојка, пациентите надвор од градовите сакаат тоа да биде направено на Клиниката на онкологија. Од таа причина, веќе со Министерството за здравство ние имаме доставено неколку барања и сега веќе почнуваме еден процес – истакна Марјановиќ.

Од оваа година, за среќа, посочи таа, имаме тумор-борд, односно мултидисциплинарен тим, кој треба и за секоја пациентка што ќе биде дијагностицирана да одлучува какво ќе биде понатаму нејзиното лекување.

Појасни дека она што сакаат да се постигне со дигитализацијата е да има мултидисциплинарни тимови и конзилијарното мислење, кое го има на Клиниката на онкологија, да работи и да функционира и за другите центри за да може да се погрижат дека пациентот добива и соодветна нега, а само терапија.

-Тоа се примери што ги имаме од надвор и кои се покажале како многу успешни дека доколку еден тим одлучува која терапија да се аплицира и како да тече текот на лекувањето, треба да биде дисперзирана, односно децентрализирана само терапијата за примање и мониторинг додека се прима терапијата. Како здружение тоа е нашата цел – пациентите да имаат доволно верба во системот, што, се разбира, оди многу тешко, меѓутоа се надеваме дека со ваквиот начин на онлајн-митинзи и онлајн-одлучување ќе постигнеме пациентите да може да ја примаат својата терапија во наредните години поблиску до домот – рече Марјановиќ.

Според неа, бројките на заболени годишно се зголемуваат, меѓутоа во исто време, за среќа, се зголемуваат и оние што преживуваат.

-Нашата цел е да се постигне што е можно поголем број на терапии, да се реши проблемот со дијагностиката бидејќи тоа е навистина сериозен проблем за онколошките пациенти од причина што не може навремено да ги добијат термините, ниту по редовен пат, па се принудени тоа да го прават приватно, што е неприфатливо. Од друга страна, со тумор-бордот се обидовме да го растовариме оној дел за одлучувањето дали пред операција, па потоа терапија и слично. И на крајот од сето тоа – метежот на Онкологија бидејќи ниеден пациент, нормално, како и овој персонал овде, не заслужува да работи во ваков метеж и под ваков притисок – додаде Марјановиќ.

Пациент со канцер, кој одеше на Клиниката, за медиумите изјави дека за снимање на ПЕТ-скен се чека четири-пет месеци и дека е еден во цела Македонија, два-три месеци се сервисира.

-Да се види резултат од компјутерска томографија, т. е. да се причита, се чека еден-два месеци и плус пред тоа се чека најмалку два-три месеци за да се направи компјутерска томографија. Најмногу треба да се чека од пет до десет дена. Внатре има 300 луѓе и четворица лекари. За толку болни од рак со четврти степен, за кои деновите се изброени, не само болниот туку и семејството страда. Како може да се купат 300 или 500 автомобили, а само еден ПЕТ-скен не може. Тој не чини милијарда евра – додаде пациентот.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: