Вчера во Медијатеката на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ Велес се одржа научно предавање на тема „Придонесот на Ганчо Пајтонџиев во развојот на македонската етнокореологија“, посветено на значајното место на Пајтонџиев во проучувањето и документирањето на македонските народни ора.
Предавањето го одржа доц. д-р Стојанче Костов, истражувач на народните ора при Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ – Скопје, во рамките на одбележувањето на 20-годишниот јубилеј на Здружението на граѓани „Разбој“.
Во фокусот на предавањето беа научната работа, истражувачкиот придонес и значењето на Ганчо Пајтонџиев за развојот на македонската етнокореологија, како и неговата улога во зачувувањето и афирмацијата на традиционалното народно играорство.
Ганчо Пајтонџиев бил вежбач по спортска гимнастика, наставник по физичко воспитување и етнокореолог. Како соработник на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, во периодот од 10 јануари 1952 до 27 декември 1967 година, снимил повеќе од 7.500 народни творби. Значаен дел од ова богатство е објавен во трите книги „Македонски народни ора“, во соавторство со Живко Фирфов и самостојно.
Неговата работа претставува значаен придонес во документирањето, истражувањето и зачувувањето на македонското фолклорно наследство, оставајќи вредни материјали за идните генерации истражувачи и љубители на традицијата.
На предавањето присуствуваа и членови на потесното семејство на Ганчо Пајтонџиев, со што настанот доби и посебна лична и емотивна димензија.





















