Ангел Анѓушев, оперативен директор на Green Machines и член на Управниот одбор на Стопанската комора на Северна Македонија, учествуваше на панел-дискусијата „Извоз без граници – поттикнување на растот во машинската и електроиндустријата“, во рамките на Енерготехнома 2026.

Говорејќи за искуството на БРАКО и Green Machines, тој истакна дека конкурентноста на меѓународните пазари зависи од повеќе фактори – квалитетот на производите, ефикасното користење на ресурсите, современите технологии и стручниот кадар.
„За воопшто да дојдеме до факторот цена, претходно мора да ги исполниме сите потребни процеси и стандарди.“

Анѓушев посочи дека исполнувањето на високите меѓународни стандарди е само првиот чекор, а вистинскиот предизвик е тие доследно да се одржуваат во секојдневното производство.
Тој ја нагласи и важноста на енергетската ефикасност, развојот на стручниот кадар и соработката меѓу индустријата и универзитетите, како предуслови за понатамошен раст на македонската индустрија и извозот.




















