(ВИДЕО) Борец 1919 продолжува да ги полни противничките мрежи, Венец замина од Велес со пет гола

Фудбалерите на Борец 1919 продолжуваат со голгетерските настапи. На Градскиот стадион „Зоран Паунов“ во Велес, домашниот состав убедливо го совлада Венец од Долни Дисан со 5:2.

Zito baner

Борец уште од самиот почеток покажа кој е фаворит на овој натпревар. Во 4. минута, по едно нафрлување во гостинскиот шеснаесетник, Васко Димов ја затресе сопствената мрежа за водство на домашните од 1:0. Во 18. минута, по нафрлување на Панов, на вистинското место се најде Пеце Стојанов, кој зголеми на 2:0. Само пет минути подоцна, Матеј Панов излезе сам пред Станковиќ и погоди за убедливи 3:0.

Agria

Најубавиот момент на натпреварот се случи во 39. минута, кога Пеце Стојанов со прекрасен удар од околу 25 метри ја затресе гостинската мрежа за 4:0. Пред крајот на првиот дел, Јован Лембовски успеа да го намали резултатот на 4:1.

Во второто полувреме гостите заиграа поорганизирано и тргнаа поофанзивно, но во 55. минута Марио Наумовски постигна нов гол за Борец и зголеми на 5:1.

Високото водство на домашниот состав предизвика нервоза кај гостинските фудбалери, кои во продолжението често приговараа на судиските одлуки. Во 59. минута, по брз контранапад, Мартин Нејковски со ефектен погодок намали на 5:2.

Нервозата на теренот кулминираше во 63. минута, кога домашниот фудбалер Пеце Стојанов доби црвен картон, па Борец го продолжи натпреварот со играч помалку.

Гостите не успеаја да ја искористат бројчаната предност и да го ублажат поразот. На неколку наврати се истакна голманот Мартин Станковиќ со добри интервенции, спречувајќи уште неколку погодоци.

Во последното коло од првенството, Борец 1919 ќе гостува во Прилеп, каде што ќе се соочи со екипата на Ултрас, која моментално се наоѓа на 11. позиција на табелата.

Сподели преку :

Facebook
Twitter
LinkedIn
Pinterest

Можеби ќе ве интересира: