Приказната на Мина Гелтинк и Минал Тијсен звучи како сценарио за филм, но навистина се случила.
Двете жени се родени во Индија во раните 1980-ти, биле оставени во сиропиталишта во Мумбај и како бебиња биле посвоени од различни семејства во Холандија. Растеле во различни градови, на околу 130 километри една од друга, без да знаат дека имаат сестра.
Но, животот им приредил неверојатна средба.
Во 1996 година, како тинејџерки, двете се сретнале на собир организиран за посвоени деца. Веднаш забележале дека имаат нешто необично заедничко – слично изгледале, слично се однесувале и едноставно почувствувале блискост.
Станале пријателки и дури во меѓусебната кореспонденција се шегувале и си велеле „сестро“.
Но, тогаш сè уште не знаеле колку биле блиску до вистината.
По извесно време изгубиле контакт и поминале околу 15 години без да се слушнат.
Во меѓувреме, двете продолжиле со своите животи, основале семејства и живееле во различни земји.
А потоа, во 2026 година, една ДНК анализа го променила сè.
Минал направила ДНК тест преку MyHeritage, а резултатот покажал дека има совршено совпаѓање со личност која ѝ била означена како блиска роднина.
Личноста била Мина – девојката со која се запознала како тинејџерка.
ДНК анализата покажала дека тие се биолошки сестри со исти родители. Резултатот покажал 100 проценти веројатност за врска меѓу полни сестри.
За Мина, која со години чувствувала дека ѝ недостасува дел од сопствената приказна, откритието било огромен емотивен момент.
Кога повторно се сретнале во Холандија, по речиси три децении од нивната прва средба, следеле прегратки, солзи и смеа.
„Бевме пријателки пред да бидеме сестри“, изјавила Минал.
Денес двете повторно се во секојдневен контакт и поминуваат часови разговарајќи и разменувајќи пораки.
И можеби најневеројатниот дел од целата приказна е што кога првпат се запознале како тинејџерки, без никакво објаснување почувствувале дека се необично блиски.
Тогаш се шегувале дека се сестри.
По 30 години, дознале дека цело време биле во право.























