Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија информира дека, по спроведена постапка согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и важечките подзаконски акти, за директор на МРТ е избран Зоран Ристоски.
По утврдувањето на најдобро оценетата програма, беше отворен ковертот со идентитетот на кандидатот, по што беше извршена проверка на исполнувањето на законските услови и комплетноста на доставената документација.
Во таа насока, Програмскиот совет нагласува дека се темели исклучиво на квалитетот на понудената програма и исполнувањето на законските критериуми.
„Процесот беше целосно транспарентен и спроведен со почитување на сите законски и институционални стандарди, со цел да се обезбеди легитимен и кредибилен избор на раководната позиција во јавниот сервис. Очекуваме новоизбраниот директор да ја извршува функцијата одговорно и професионално, во насока на зајакнување на улогата на Македонската радио-телевизија како јавен сервис од особен јавен интерес, унапредување на програмските содржини и подобрување на условите за работа на вработените. Програмскиот совет ќе продолжи внимателно да ја следи работата на раководството и да дејствува во согласност со своите законски надлежности, во интерес на јавноста и развојот на јавниот сервис“, се наведува во соопштението.



















